Лазаров за 24 ракомет ТВ: Вардар беше поприсебен и заслужено победи (ВИДЕО)

Екипата на Нант за која игра Кире Лазаров го запиша првиот пораз откако почнаа со подготовки за оваа сезона. Вардар ќе остане запишан како тимот кој ги совладал така што и Нант почувствува како е да се игра на жешкиот терен на актуелниот првак во Лигата на шампионите.

„Чувството да се биде дома е прекрасно. Среќен сум што сум во Македонија. Одигравме еден комплетно машки и неизвесен натпревар против Европскиот првак. Задоволни сме. Ова е прва година на Нант во двете најсилни групи на Лигата на шампионите. Ова е и прв пораз откако почнавме сезонава така што сè на се сме задоволни“, изјави после мечот Кире Лазаров.

Тој искажа комплименти за играта на Вардар и за смиреноста во клучните моменти.

„Во вакви натпревари одлучуваат моменти и секунди и мораш да бидеш присебен во последните 10-15 минути. Ваквите средби меѓу две големи екипи тогаш се одлучуваат. Мислам дека Вардар имаше поприсебни ракометари и заслужено победи“.

За слабата минутажа се согласи со коментарите кои на пресот ги даде тренерот на тимот, Тиери Анти.

„Нов сум во екипата и ми треба време за да се навикнам на екипата и на системот на игра. Во прв момент имам проблем и со францускиот јазик. Сигурен сум дека како ќе одминува времето ќе добивам поголема минутажа“.

Што се однесува до очекувањата за оваа сезона не сака да избрзува и да дава ветувања. Големото искуство секако е причина за смирени коментари.

„Треба да се оди чекор по чекор. Покажавме дека можеме против сите. Победивме големи екипи во подготвителниот период од типот на Монпеље, Веспрем, Берлин, ПСЖ… Ќе зависи од многу работи. Француското првенство е тешко. Се игра среда-сабота до крајот на годината. Потоа доаѓа Европското првенство и пак истиот распоред до крајот на јуни. Тоа е еден ритам каде што ќе ни треба и спортска среќа, а ќе има многу средби за играње. Се надевам дека ќе продолжиме во ист ритам и дека ќе играме квалитетни натпревари“, вели Лазаров.