Ракометна суперѕвезда за почеток на летниот камп „Кирил Лазаров 7“

Во Охрид, стартуваше петтото издание на ракометниот камп „Кирил Лазаров 7“. Како и претходните четири и годинава кампот се одржува во две смени и истиот има интернационален карактер. Традиционално, кампот го отвори капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров.

„На сите кампери кои оваа година ни ја дадоа довербата и се присутни тука во Охрид би сакал да им посакам добредојде на нашиот камп, да имаат успешен камп што подразбира добри тренинзи, да излезат од тука побогати со знаење, со нови пријателства и убаво животно искуство. На нашите тренери им благодарам за прифатената покана и одвоеното време да бидат дел од овој камп. Се надевам дека ќе имаме успешен камп и ви посакувам прекрасни седум дена тука во Охрид“, изјави Лазаров.

Како што беше најавено на првиот ден од кампот пристигна поранешниот германски репрезентативец и поранешен соиграч на Лазаров во француски Нант, Доминик Клајн. Клајн по завршувањето на својата импресивна кариера, стана ракометен амбасадор, го промовираше Мундијалот од 2019 година соработуваше и со Европската ракометна федерација, а често можеше да се забележи на телевизиските екрани на најдобрата светска спортска мрежа Скај Спорт како стручен коментатор.

Покрај Клајн, следните денови кампот ќе го посетат и повеќето македонски репрезентативци.