Лазаров: Данило нè остави да играме, користевме работи од Раул во триумфот над Исланд

Капитенот на Македонија, Кирил Лазаров е најдолго од сите во сениорската репрезентација, а после неколкуте порази на гостувањата во Исланд дочека победа. Тој денеска постигна шест гола во победата над Исланд така што имаше одличен придонес во триумфот за историја во меѓусебните пресметки со Исланѓаните.

„Уште на собирот во понеделникот во Скопје најавив дека мораме да размислуваме позитивно и да веруваме во успех. Јас често кажувам дека имаме квалитет и иднина. Македонија е ракометна нација и јас верувам во тоа. Имам на видик сè што случува. Mакедонија е заразена со ракомет и тоа треба да го искористиме“, рече на почетокот на својот коментар после средбата капитенот Кирил Лазаров.

Тој коментираше дека после ваков епилог може само да биде задоволен бидејќи сега работите се поправени после загубениот дуел во Кожани.

„Задовлен сум што успеавме да победиме. Одигравме коректен и цврст натпревар со глава. Знаевме во секој момент што правиме и како правиме. Користевме работи од нашиот екс селектор Раул. Ова не значи дека го оспорувам успехот на новиот селектор, туку му честитам на Данило за направеното. Тој беше многу коректен и нè остави да играме. Времето беше многу кратко и затоа немаше можност за нешто да се менува. Сите што дале придонес од постоењето на оваа држава треба да се заслужни за сето она што е направено во македонскот ракомет“.

Сега работите се далеку попозитивни, а Македонија е на врвот во групата. Со победа и в недела во Скопје работите ќе бидат уште подобри, па Македонија ќе се најде уште поблизу до нов настап на ЕП.

„Во недела во Скопје ќе биде многу потешко. Исланд можеби нè потцени, а знам дека во Скопје ќе биде тоа поинавка репрезентација. Во Борис Трајковски мотивацијата ќе биде многу поголема. Треба концентрација и посветеност како професионалци и така можеме да се надеваме на добар резултат. Инаку, сега полесно се дише бидејќи остваривме победа која ни беше потребна.Ако се случеше нешто непредвидено ќе решаваше дуелот во Турција, но успеавме сега да го направиме тоа што ни беше потребно и можеме да се концетрираме на реваншот“, изјави капитенот Лазаров.

На реваншот в недела од 20 часот, Македонија ќе може со победа да направи предност пред Исланд од четири поени, а и пред другите две селекции кои ќе имаат нов меч во Турција.