Лазаров го пречекува Талески на двобој во Лигата на шампионите

Кире Лазаров и Филип Талески денеска ќе се соочат на средба од 3. коло во Лигата на шампионите, но тоа ќе биде можно само доколку тренерите одлучат да им дадат шанса за да играат и директно на теренот да ги одмерат силите.

И Лазаров и Талески сезонава ретко играат во Лигата на шампионите. Капитенот на репрезентацијата на Македонија поради тоа што е нов во тимот и полека се вклопува во мозаикот на Тиери Анти, додека Талески и понатаму е најмал во составот и собира искуство за да може допрва да блесне на теренот и да го покаже квалитетот.

На овој меч двете екипи му пристапуваат со различно расположение. Рајн Некар славеше на домашен терен против Висла и тоа уште минатата среда, додека Нант во саботата во Скопје претрпе пораз од Вардар во меч во кој „црвено-црните“ не ја прикажаа најдобрата игра, но беа одлично подготвени да го издржат големиот притисок, па иако не го дадоа максимумот го испратија противникот со пораз.

Денеска е важен ден и за едниот и за другиот состав бидејќи бодови на овој меч ќе значат останување блиску до лидерот на табелата, Вардар и продолжување на трката.

Сепак, во центарот на вниманието ќе бидат Кире Лазаров и Филип Талески и очекувањето да добијат минутажа од своите тренери. Средбата почнува од 18:30 часот.

Покрај овој дуел денеска се играат уште два меча од 3. коло, а на нив од 18 часот се среќаваат Динамо Букурешт против Кадетен Шафхаузен и од 18:30 Кил против Алборг.