Лазаров во топ форма пред СП во Катар: Им испорача 12 гола на Алингсас и изби на првото место на најдобри стрелци во ЛШ

Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров продолжува со извонредните партии во дресот на Барселона. По двата одлични натпревари против европскиот шампион Фленсбург на кои вкупно постигна 19 гола, нова жртва на Лазаров беше шведски Алингсас на кој нашиот капитен им испорача 12 погодоци со кои изби на првата позиција на најдобри стрелци во ВЕЛУКС ЕХФ Лигата на шампионите.


ГРУПА Б

Барселона-Алингсас 42-29 (18-17)

По израмнетото прво полувреме во кое Барселона на моменти имаше и негатива од 6-8, каталонците сепак успееа да направат пресврт и да го завршат првиот дел со водство од 18-17. Во второто полувреме гостите од Шведска ја осетија вистинската сила на Барселона, која предводена од македонскиот репрезентативен капитен Кирил Лазаров ја торпедираше мрежата на Алингсас. Одличен на голот беше и Даниел Шариќ, кој со своите одбрани овозможуваше лесни голови преку конта напади за својата екипа. Барселона второто полувреме го доби со цели 12 голови разлика за конечни 42-29.

Со 12 голови на овој натпревар Лазаров изби на првата позиција на листата на најдобри стрелци во Лигата на шампионите со 57 голови пред Момир Илиќ кој има 53. На третата позиција се наоѓа Драган Гајиќ од Монпелје со 49 голови, а Тимур Дибиров е на делба на четвртата позиција со 46.