КУП НА МАКЕДОНИЈА: Пролет не успеа, но ги испоти металурзите до максимум

Во интересен натпревар во мечот од Групата 2 од Купот на Македонија, Металург 60 минути мораше да се бори на максимум за да дојде до победа од 31:29 против тимот на Пролет. Ракометарите на Пролет максимално мотивирани и борбени иако без својот тренер, Никола Матлиески кој е во Бугојно одиграа одличен натпревар и немаше да биде незаслужено ако тие се најде во полуфиналето.

Според тоа како тргна мечот сè навестуваше победа без поголеми проблеми и пласман на Ф4 турнирот.  Металург беше во постојана предност од четири до шест гола разлика. Одеше сигурно кон зголемување на водството и се чинеше дека го има добиено овој дуел. Сепак, во 22. минута дојде до замена на голот. Томовски кој одлично бранеше дотогаш и имаше примени 11 погодоци седна на клупата, а Пролет успеа да го искористи тоа и до крајот на првото полувреме од минус шест да стигне на само гол негатива.

На одмор резултатот беше 16:15 во корист на Металург и ова беше најава за интересно продолжение на средбата. Пролет остана на гол до два негатива, а Металург само уште еднаш успеа да се избори за плус четири што брзо беше достигнато.

Тимот на Металург остана постојано во предност, а Пролет успеа повторно да дојде до гол негатива. Сепак, го немаше оној последен чекор за да дојде до израмнување, па остана секогашпократок за гол до два. Доколку неа беа 6-7 стативи и два промашени удари од седум метри за гостите можеби ова ќе беше и сосема поинаков меч.

Вака Металург се избори за полуфинале, додека Пролет покажа дека нема респект кон никого и дека против сите игра на максимум.

МЕТАЛУРГ – ПРОЛЕТ    31:29 (16:15)

Сала: Автокоманда во Скопје. Гледачи: 100. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски од Скопје. Делегат: Драган Начевски од Скопје.

МЕТАЛУРГ: Томовски, Дупјачанец, Даниловски, Јагуриновски 5, Лазаревски, Димитриоски 3, Токиќ 8, Шилегов 1, Танкоски, Шпенде 5, Пучник 3, Миличевиќ 1, Маџовски 2, Стојановиќ, Матијашиќ, Арсеновски 3.

Седмерци: 1/1, Исклучувања: 10 мин.

ПРОЛЕТ: Кимевски, Коруновски, Кристо, Аларов 4, Јовчевски 1, Давитковски, Ф. Василевски 5, Манев, Ролевски, Трајковски, Андоновски 6, Џонов 6, Мајнов 3, Дамчевски, Стојановски, Манасков 4.

Седмерци: 3/5, Исклучувања: 4 мин.