КУП НА МАКЕДОНИЈА: Металург не дозволи изненадување, обезбеди финале во Куманово

Првиот полуфинален натпревар од Купот на Македонија помеѓу Металург и Бутел по голема борба на теренот заврши со победа од 34:31 на металурзите кои на крајотод мечот имаа повеќе причини за радост со оглед на тоа што и годинава си обезбедија место во финалето.

Екипите влегоа во натпреварот многу мотивирано и борбено. Веќе до 8. минута на двете страни имаше по едно исклучување. Металург поведе со 3:1, но Бутел веднаш израмни и со подобра игра во продолжението од средбата стигна до предност од два гола 7:5. После добриот период за Бутел следуваа кризни минути кои Металург одлично ги искористи и со серија од 5:0 отиде на плус три, 11:8 во 21. минута.

Голманот на Бутел Скопје, Бојан Блажески имаше добро прво полувреме, забележа шест успешни интервенции, но во 26 минута во обид да пресече контра стартуваше над противнички играч и заработи директен црвен картон. Со оглед на настапот во првиот дел ова беше голем хендикеп за Бутел Скопје кој остана без поддршка на својот прв голман во последните неколку месеци.

Металург играше одлично по слабиот старт и стигна до убедливо водство 15:10 по 26 минути игра. Во последните три минути од првото полувреме, сепак, Бутел се созема и возврати со серија од 3:0 за на полувреме да има негатива од само два гола. Металург замина на одмор со 17:15, а овие два погодока даваа надеж за во продолжение од средбата.

Бутел почна подобро во вториот дел и по пет минути игра го презеде водството, 19:18. Металург многу брзо го крена нивото на игра и со брзи контри преку крилата Токиќ и Димитриоски повторно го врати водството на своја страна. На тој начин во последната четвртина од мечот Металург влезе со предност од 27:23.

Бутел правеше сè за да дојде до неизвезна завршница, но Шпенде и Јагуриновски со сигурни реализации го одржуваа водството на Металург. Бутел Скопје се обиде да дојде до подобар финиш, но во таквата игра имаше и грешки, па на крајот Металург се радуваше на победа од 34:31 и ново финале од Купот на Македонија. Противникот ќе биде познат подоцна откако во 20 часот Вардар и Еурофарм Работник ќе ги одмерат силите.

МЕТАЛУРГ – БУТЕЛ СКОПЈЕ      34:31 (17:15)

Сала: Спортска сала во Куманово. Гледачи: 500. Судии: Димитар и Дејан Георгиевски од Скопје. Делегати: Ацо Николовски и Душко Камишевски од Скопје.

МЕТАЛУРГ: Дупјачанец, Томовски, Даниловски, Јагуриновски 11, Лазаревски, Димитриоски 3, Токиќ 5, Шилегов, Танкоски 4, Серафимов, Младеновиќ, Шпенде 6, Пучник 3, Миличевиќ, Маџовски 2, Арсеновски.

Седмерци: 6/6, Исклучувања: 6 мин.

БУТЕЛ СКОПЈЕ: Блажески, Панченко, Лазароски, Трајковски, Младеновски 2, Стојановски, Ѓеоргиевски, Димовски, Спасовски, Мојсоски 4, Николов, Печенковски 5, Давидовиќ, Григориев 4, Василевски 6, Мајиќ 10.

Седмерци: 2/5, Исклучувања: 10 мин.