КУП НА МАКЕДОНИЈА: Куманово го растури Металург и закажа дуел со Вардар во финалето

Во второто полуфинале во Купот на Македонија и дуел помеѓу големите конкурентите во првенството сезонава помеѓу Металург и Куманово поуспешни излегоа домашните ракометарки кои славеа победа од 29-22 и обезбедија финале против бранителот на титулата Вардар.

Натпреварот започна многу жестоко, со голема борба и цврста одбрана. Куманово ја имаше поддршката од публиката и уште во почетната фаза успеа да направи предност 6:3. Металург грешеше во нападите, направија две пробивања и неколку лоши додавања, а домашните знаеја тоа да го искористат.

Пикерите во двата состава водеа голема борба на линијата од шест, голем дел од нападите се играа акции за нив. Сања Дабевска и Аида Смајлоска одлично ги користеа шансите имаа одлична реализација. Металург брзо се созема и успеа да ја стопи негативата. Дуелот продолжи со игра гол за гол до резултат 8:8 кога Куманово со серија 3:0 и во 25 минута имаше 11:8.

Мила Трајковиќ беше прецизна од седум метри за зголемување на водство на Куманово во финшот на првото полувреме 13:9. Во последниот напад Куманово успеа да стигна до најголема предност 15:10 во пресрет на вториот дел со голот на Сања Дабевска која имаше извонредно полувреме со шест гола и исклучителна игра во одбрана.

Куманово го почна вториот дел во ист ритам, со помош на голманката Ивана Наумовска која запиша три интервенции го зголеми водството на 19:11. Металург имаше многу проблеми да ја пробие одбраната на домашните. Тоа што го правеше во првиот дел Дабевска, во второто полувреме продолжи Ана Шарановиќ, шестоко во одбрана и сигурна реализација во напад.

Металург на 15 минути до крајот на натпреварот имаше негатива од осум гола. Време за пресврт имаше се помалку, а заостанувањето на гостинскиот состав не се менуваше. Леонида Гичевска се обидуваше да го подигне својот тим со прецизни удари од далечина. Куманово не си дозволи да ја испушти големата залиха и славеше убедлива победа над големиот ривал за пласман во финалето, за конечни 29-22.

Најефикасни во тимот на Куманово беа Ана Шарановиќ со девет  и Сања Дабевска со осум гола. Во составот на Металург најефикасна беше Јана Калајџиевска со седум, а Гичевска постигна пет гола.

Финалниот натпревар се игра во сабота со почеток во 16 часот.

КУМАНОВО – МЕТАЛУРГ  29-22 (15:10)

Сала: Спортска сала во Куманово. Гледачи: 1000. Судии: Виктор Начевски и Даниело Божиновски. Делегат: Лери Мирчевски од Скопје.

Куманово: Марковиќ, Живковска, Трајковиќ, Ивановска, Боризовска, Дичковиќ, Шарановиќ, Петковска, Стојчевска, Кипријановска, Наумовска, Глигоријадис, Краљевска, Цветановска, Дабевска, Димова.

Седмерци: 3/3. Исклучувања: 6 мин.

Металург: Илјаз, Гугуљанова, Ивановска, Ѓорѓиевска, Владева, Гулицоска, Тасевска, Смајлоска, Арсениевска, Алексоска, Дамчевска, Калајџиевска, Граматова, Стефановска, Гичевска, Паскал.

Седмерци: 4/4. Исклучувања: 4 мин.