Купот на ЕХФ има нов владетел: Кил супериорен против Фуксе Берлин

Минатогодишниот освојувач на Купот на ЕХФ, Фуксе Берлин беше немоќен во финалето против домаќинот Кил, па и покрај сите обиди на крајот мораше да капитулира. Кил пред голем број свои фанови во Бундес финалето славеше со 26:22 со што стигна до голем триумф и полека најави враќање на големата сцена.

Ракометарите на Кил уште од стартот влегоа во мечот далеку подобро. Наметнаа силно темпо кое противникот немаше сили да го следи. И покрај обидите да се дојде до подобар резултат, немаше решение за Ландин кој бранеше одлично на стартот од средбата. Таквата игра овозможи полека да се зголемува разликата и постојано да се зголемува водството. Кил имаше расположени ракометари кои знаеја во секој момент да го казнуваат противникот и до крајот на првото полувреме да стигнат до високи шест гола и резултат од 16:10.

После оваа предност на паузата ракометарите на Кил во вториот дел можеа мирно да продолжат со контролата на играта. Волф беше на истото ниво како и Ландин, па немаше проблеми. За разлика од вчера кога Хајнефетер даваше сила за Фуксе Берлин овој пат тој не можеше против колегите од Кил, па на крајот „зебрите“ после неколку години пауза се израдуваа на трофеј. Иако е во Купот на ЕХФ, сепак, јасно е дека Кил полека се враќа на големата сцена. Овој триумф е најава и за враќање во Лигата на шампионите, а таму следната година со Сагосен ќе биде сосема друга приказна.

Денеска прв стрелец во победничкиот табор беше Никслас Екберг со седум гола, а зад него со пет остана Штефен Вајнхолд. Во Фуксе Берлин најефикасен беше Исланѓанецот Бјорки Мар Елисон со шест погодоци.