Кумановки уште посилни, се засилија со ракометарка од редовите на шампионот

Единствената ракометарка која во последните две сезони ја освојуваше титулата во првенството на Македонија, Леонида Гичевска го напушти тимот на Металург и во новата сезона таа ќе биде дел од тимот на Куманово.

Ракометарката која во сезоната 2017/18 беше дел од Вардар, а во 2018/19 во Металург веќе е член на Куманово и ја продолжува кариерата во клубот кој најавува атак на двојната круна во новата сезона.

Кумановки со Гичевска само уште повеќе ја засилија бековската линија и сега во своите редови имаат уште еден одличен стрелец. Селекторот на сениорките, Симе Симовски со ова добива уште една репрезентативка во редовите на Куманово така што ќе има доволно силен тим за да може да ги нападне трофеите и во првенството и во Купот на Македонија.

Гичевска се договори со Куманово на 1+1 година што значи дека на крајот од оваа сезона има опција да ја продолжи соработката со клубот. Воедно ова ќе биде обид за неа за хет-трик бидејќи ако успее да дојде до титулата со Куманово ќе биде запишана како првата ракометарка која успеала да се избори за титула со три различни екипи во три години.