Кумановки загубија од Наиса, но имаа фуриозно второ полувреме

Ракометарките на Куманово одиграа уште еден контролен натпревар во Србија, а овој пат ги одмерија силите со уште посилен противник, Наиса.  Во меч со две различни полувремиња претрпеа пораз од 31:34.

Доколку во првиот дел кумановки имаа повеќе поддршка од голманките кои имаа само три интервенции и беа поцврсти во одбраната тогаш ова ќе беше можеби и убедлив триумф за нив. Тие постигнаа само 11 гола, но примија дури 23 и ова беше огромна разлика за само 30 минути игра.

Сепак, она што беше пропуштено во првите 30 минути беше надоместено во продолжението. Малку недостигаше за да се дојде и до целосен пресврт бидејќи во вториот дел резултатот беше 20:11 за Куманово, а со оглед на тоа што мечот е игран на гостински терен во Ниш со судии од Србија ова е одличен резултат.

Покрај тоа Куманово на оваа средба беше без Шарановиќ, Марковиќ и Трајковска, кои се важен дел од овој тим. Тоа е знак дека Куманово ќе биде силно годинава и дека ќе влезе како фаворит во новата сезона.

НАИСА – КУМАНОВО   34:31 (23:11)

Сала: „Чаир“ во Ниш. Судии: Марко Цветковиќ и Дејан Спасиќ од Србија. Делегат: Валентина Станковиќ од Србија.

НАИСА: Чогуриќ 1, Рајковиќ, Ивковиќ , Ѓуровиќ 2, Здравковиќ 1, Вељковиќ 4, Радовиќ 2, Стојановска 1, Ми. Петковиќ, Т. Петковиќ, Ма. Петковиќ, Ивановиќ, Пејовиќ 4, Милојевиќ 9, Стаменковиќ, Перазиќ 6, Филиповиќ 4.

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 8 мин.

КУМАНОВО: Наумоска, Јанкуловска 5, Цвеановска, Гичевска 5, Пецанова 3, Ивановска 3, Чокели 6, Боризовска 4, Кипријановска 1, Годовска, Глигоријдис 5, Краљевска, Косановиќ, Стојчевска, Јовановска.

Седмерци: 1/4, Исклучувања: 12 мин.