Кузнецова: Вистинското од нас допрва доаѓа

Вардар на левата крилна позиција има две нови ракометарки оваа сезона. Тоа се македонската репрезентативка Јована Саздовска и Русинката Полина Кузнецова. Руската интернационалка одлично се вклопува во играта на „црвено-црните” и покажува дека е вистинско засилување. На средбата во Љубљана од ВРХЛ во дуелот со домаќинот Крим, Кузнецова беше втор стрелец. Од натпревар во натпревар таа игра одлично, и постојано ја подобрува играта. Нејзините добри натпревари допрва би требало да доаѓаат на следните дуели од Лигата на шампионите.

„Игравме против една млада и полетна екипа на Крим. Ние имавме наши тактички замисли што требаше да ги одиграме, бидејќи ни недостасуваа две ракометарки. Ова што сега го правиме е за подобро подготвување за следните натпревари во ЛШ. Важно е да победуваме, да ја подобруваме играта, и да бидеме во добра форма за следните три мечеви од групната фаза. Очекувам уште подобра наша игра.“ – изјави Кузнецова.

Денеска од 16 часот во вториот меч Вардар се среќава со тимот на Будуќност.