Кристопанс: Повеќе сум популарен во Македонија отколку дома

Десниот бек Даинис Кристопанс можеби порано од планираното ќе замине во градот на светлината, односно во ПСЖ. Тој за „Брз Центар“ покрај за повлекувањето на Самсоненко од Вардар, говореше и за неговата популарност во Македонија, односно во родната Летонија.

„Јас сум ракометар. Во последно време за мене и за националниот се зборува и се пишува повеќе во Летонија, бидејќи имаме шанси да одиме на Европско првенство. Но, тоа сепак не е како во Скопје. Овде и на улица ме препознаваат, и сакаат да се фотографираат со мене“, вели Кристопанс.

Тој покрај во Летонија, играше во Белорусија, Словачка и во Катар. Вели дека на почетокот во Македонија му било тешко.

„Секаде ми беше убаво. Во Словачка брзо се адаптирав и го научив јазикот. Во Белорусија, менталитетот е сличен на нашиот, па се беше лесно. Во Македонија беше сложено. Тимот е силен, со многу добри поединци, јазикот е поинаков. Но со текот на времето, се адаптирав. Сега во Скопје ми е мнгоу убаво и лесно“, заврши Кристопанс.

Вардар и Кристопанс ги очекуваат двата четвртфинални двобои против унгарскиот првак ПИК Сегед во рамките на Лигата на шампионите. Првиот меч се игра во Скопје на 25 април, додека реваншот е во Сегед на 5 мај.