Кристопанс го одведе Вардар до титула во ЛШ, ќе ја однесе ли Летонија до ЕП?

Десниот бек Даинис Кристопанс беше еден од главните ракометари на Вардар на патот до титулата во Лигата на шампионите. Високиот Летонец, како и повеќето други вардарци сега ќе се посвети на репрезентативните активности.

Летонија во групата 4, од квалификациите за пласман на Европското првенство се наоѓа на второто место зад Словенија. Поранешната советска република ја чекаат уште два натпревари против Холандија и Словенија, па една победа сигурно ги носи Летонците на ЕП, а и доколку не победат, може да се надеваат на најдобрите третопласирани.

„Минатиот викенд беше како филм со среќен крај. Дојдовме таму, ја завршивме нашата работа и игравме со срце. Дадовме се од себе, ние сме како семејство. По сите прослави, приеми, ќе морам да се одморам малку, но ќе бидам многу мотивиран да и помогнам на мојата земја на патот кон ЕП. Иако ракометот не е спорт број 1 во Летонија, имаме добри играчи и може да се надеваме на ЕП“, вели Кристопанс.