Кристијанштад уверливо до финале со Вардар

Шведскиот претставник во Лигата на шампионите, екипата на Кристијанштад ќе се бори за првата позиција и највисоката парична награда на турнирот „Вардар“. Ракометарите на Кристијанштад во последното коло од групната фаза го совладаа рускиот претставник Краснодар со резултат 32-30 (18-13).

Швеѓаните имаа предност во текот на целиот натпревар, а при крај на првиот дел го имаа највисокото водство од шест погодоци 18-12, но руските ракометари го постигнаа последниот погодок во првиот дел за конечни 18-13.
Скандинавците ја продолжија доминацијата и во второто полувреме, а по првите два погодока имаа предност од 20-13 по две минути игра. Разликата постојано се зголемуваше за во 35-та минута да достигне до девет голови предност за Кристијанштад 24-15. Средината на вториот дел помина во изедначена игра, но Кристијанштад ја одржуваше предноста од шест голови се до 50.минута. Последниот дел од натпреварот им припадна на Русите кои се погрижија мечот да добие интересна завршница. Со серија од 4-0 во 56.минута се доближија на само два гола негатива но Кристијанштад успеа да го задржи водството до самиот крај за конечни 32-30.

Најпрецизен кај шведскиот првак беше Толбринг со 7 постигнати гола, а во екипата на Краснодар најрасположени за игра беа Волков и Шкурински со 9 погодоци.

По овој пораз пораз екипата на Краснодар ќе се бори за третото место на турнирот, додека пак македонскиот претставник Металург ќе игра во натпреварот за петтото место.