Кристијанштад го позајми Џамали од Веспрем

Поранешниот репрезентивниот бек на иранската ракометна репрезентација Иман Џамали, од неодамна стана државјанин на Унгарија, но новиот пасош не донесе некаква предност во четата на Ортега. Веспрем следната сезона ќе ја стартува со еден од најдобрите ракометари на денешницата, исландскиот централен бек, Арон Палмарсон, со што Џамали стана прекуброен во тимот.

Договорот на унгарскиот шампион со иранскиот бомбардер е со важност до 2019 година, но поради повредата на коленото (скинати лигаменти) и новите супер засилувања во тимот, двете страни одлучија да најдат заедничко решение надвор од границите на Унгарија. За квалитетите на 23-годишниот лев бек беа заинтересирани повеќе екипи, но Веспрем се одлучи договорот за позајмица да го потпише со шведскиот првак Кристијанштад.

Задоволство и чест ни е што ќе имаме такво засилување во нашиот тим за наредната сезона. Со Џамали во екипата, се чувствуваме подобро подготвени да се надигруваме во домашното првенство и во Лигата на шампионите.

-изјави претседателот и спортски менаџер на ИФК Кристијанштад, Матс Самуелсон.

Џамали ќе биде позајмен на шведскиот шампион на една сезона, а во февруари ќе го гледаме високиот бомбардер во Скопје, кога Кристијанштад во рамките на Лигата на шампионите ќе му гостува на Вардар.