Крим поразен во полуфиналето на КПК: Мавсар најдобра на теренот

Ракометарките на Крим денес во Русија го одиграа првиот натпревар од полуфиналето во рамките на КПК. Противник на Крим беше руската екипа Лада од Тољјати која денес триумфираше со 28:24 (13:14). Иако гостинките од Љубљана одиграа солидни 35 минути, во преостанатиот дел од натпреварот домашните ракометарки доминираа на теренот.

Лада беше предводена од бековскиот тандем Дмитриева – Самокина кои постигнаа по шест погодоци. Во дресот на Крим блескаше новата ракометарка на Вардар за следната сезона, Тамара Мавсар, со девет погодоци. Македонската интернационалка во редовите на РК Крим, Мирјета Бајрамоска, беше втор стрелец во својата екипа со шест постигнати погодоци.

Реванш натпреварот меѓу Крим – Лада ќе се одигра во Љубљана следниот викенд.

Второто полуфинале во КПК го сочинуваат Иси Париз ( Франција ) и Холстебро ( Данска). Првиот натпревар помеѓу овие екипи е закажан за утре.

Фото – handball.ru