Кремс го победи вицепрвакот Брегенц, Митков во одлична форма пред Украина и Чешка

Македонскиот репрезентативец Влатко Митков игра во одлична форма пред стартот на квалификациите за пласман на ЕП во Хрватска. Тој беше најдобар стрелец во неговиот тим Медикал Кремс во минималната победа над вицепрвакот Брегенц со 31:30, во натпревар од 10 коло на австрискиот шампионат.

Десниот бек, кој во националниот тим почесто игра и на позицијата десно крило, даде 9 голови на овој меч, а 3 од нив беа во клучните моменти во самиот финиш кога домашните ја обезбедија победата.

Ристо Арнаудовски кој минатиот меч беше стрелец на 13 голови за Ферлах, сега постигна 3 во убедливот пораз со 38:20 од Апла Хард.