Краљевски: Само да ја повториме играта од полуфиналето и против Вардар – Купот ќе биде наш

Тренерот на екипата на Куманово, Ненад Краљевски по победата во полуфиналето против Металург беше многу задоволен од изданието на своите ракометарки и посака исто долку добар натпревар да имаат и во сабота во финалниот дуел против Вардар.

‚‚Прво би сакал да им честитам на моите девојки за заслужената победа. Денеска покажаа дека имаат квалитет и испочитуваа се што работевме и се подготвувавме изминатите месец и пол за овој натпревар. Низ првенството покажаа дека можат да одиграат многу квалитетно против Металург кој е една од најквалитетните екипи во Македонија. Им честитам уште еднаш со целото срце. Сега треба да бидеме смирени, да се подготвиме за финалето. На ракометарките на Металург им честитам на добриот натпревар, денеска ние бевме подобри и заслужено победивме‘‘, рече Краљевски.

Во финалето очекува тежок дуел, но со игра како денеска не би требало да имаат проблеми да дојдат до нова победа.

‚‚Вардар е многу квалитетна млада екипа, во првенството исто така одигравме тешки натпревари против нив. Сигурно дека ако ја повториме играта од полуфиналето нема да имаме проблеми и во финалето да триумфираме‘‘, изјави Краљевски.

Куманово по победата над најголемиот конкурент во сабота од 16:00 часот има голема шанса да стигне до трофејот во Купот на Македонија. За тоа ќе мора да слави уште еднаш овој пат против младите вардарки.