Крај на успешна кариера: Чехот од Барселона му кажа збогум на ракометот

Еден од најдобрите ракометари во сите времиња во Чешка одлучи да стави крај на кариерата. Тој во 35. година се повлекува поради здравствени проблеми, па Барселона нема да може повеќе да смета на Филип Јиха.

Ракометарот кој со своето искуство беше секогаш од голема помош и за нападот и за одбраната во своите тимови така што ќе биде навистина голем минус за тимот на Барса во продолжение на сезоната.

Јиха се повреди во текот на летото и не успеа да заздрави. Самиот изјави дека токму тие здравствени проблеми се и причина да се повлече од играњето за својот тим. Тој беше во плановите за да настапи за селекцијата на Чешка на Европското првенство во Хрватска, но дефинитивно повеќе ќе го нема и во националниот тим.

Кариерата ја почна во 1988 година во пионерите на Стари Плзенец, каде што беше до 1995 година. Потоа следуваа пет години во Плзен, а во 2000 година се пресели во Дукла Прага каде играше три години. Следуваше Ал Ахли Џида од Саудиска Арабија (2003), Ал Ахли од Катар (2003), па од 2003 до 2005 во Сент Гален од Швајцарија. Од 2005 до 2007 година играше во Лемго, а потоа следуваа осум години во редовите на Кил каде што доживеа голем број на успеси. Оттаму се пресели во Барселона. Од летото во 2015 година до денеска беше член на Каталонците каде што го објави пензионирањето.