Кратко траеше македонската авантура: Металург остана без засилувањето од ПСЖ!

Македонскиот вицепрвак Металург, ќе мора да бара нов бек во продолжение од сезоната, бидејќи реши да му се заблагодари на словенечкиот интернационалец Јануш Лапајне, кој во текот на летото дојде од тимот на ПСЖ. Тој беше во ростерот на Червар за турнирот во Струга, потоа и на дуелите во СЕХА и во Лигата на шампионите, но шансата што ја доби, не успеа да ја искористи во целост.

Поранешниот кадетски и младински репрезентативец, 22-годишен лев, а по потреба и среден бек, го заврши краткиот престој во Скопје, бидејќи не успеа да се вклопи во Металург. Тој потекнува од составот на Ајдовшчина, а афирмацијата ја стекна во дресот на Шкофја Лока. Своевремено стана познат по тоа што сам се избори за договор со ПСЖ.

Тој испрати видео од неговите настапи, нудејќи ги своите услуги во повеќе француски клубови, а одговор доби само од легендарниот Бруно Мартини од ПСЖ. Одработи неколку тренинзи со францускиот тим и доби договор на две години. Сепак, малата минутажа е причина што Лапајне замина од ПСЖ, а истата ситуација беше и во Металург. Која ќе биде следната негова дестинација, се уште не е познато.

Тимот од Автокоманда в сабота ќе игра натпревар од Лигата на шампионите, а противник ќе биде португалскиот Спортинг Лисабон. Претходно Металург загуби од Монпелје на гостински терен, и дома од турскиот првак Бешикташ.