Кој ќе го наследи Обрван?

Утре на дневен ред на состанокот на Управниот одбор ќе биде извештајот за квалификацискиот олимписки турнир во Гданск, по што треба да се назначи нов селектор кој ќе ги води македонските репрезентативци низ бараж-дуелите за Светско првенство во Франција 2017. Противникот е добро познат, но репрезентацијата на Чешка не смее и не треба да се потцени.

До јуни има уште речиси два месеци во кои новиот стручен штаб треба да ја скрои стратегијата за пласман меѓу светската елита в година.

Веднаш по најавената оставка на досегашниот селектор Ивица Обрван, ракометната јавност започна да промовира можни селекторски имиња. Меѓу позначајните стручњаци во најтесниот избор се споменуваа Касим Каменица, Зоран Кастратовиќ, Андон Бошковски, Данило Брестовац и Раул Гонзалес. Сепак поради својата историја, (не)успесите и меѓусебните односи со македонската куќа на ракометот, Брестовац, Бошковски, Кастратовиќ и Каменица веројатно ќе отпаднат од игра, а тренерот на Вардар веќе се споменува како селектор, но на една друга репрезентација.

Затоа останува само еден сигурен кандидат за жешката раководна фотелја. Едно од најзвучните имиња кога во прашање е ракометот воопшто е искусниот стратег на Металург, Лино Червар. Хрватот зад себе има бројни трофеи меѓу кои и најсјајните од Олимписките игри и Светското првенство. Токму стратегот на тимот од Автокоманда е најсериозното решение кога во прашање е испразнетото селекторско столче.

Управата на РФМ веќе еднаш имаше неуспешен обид да го доведе Червар на кормилото на македонската селекција во 2013, тогаш не се најде заеднички јазик, а дали оваа втора шанса ќе вроди со плод официјално ќе дознаеме по саботниот состанок на раководните тела на РФМ.

Лино Червар важи за еден од најзначајните балкански експерти, исклучително ценет во ракометните кругови, но она што е најбитно исклучително ценет меѓу најголемиот број македонски репрезентативци. Бројни трофеи ги красат витрините на искусниот стратег, кој ѕвездените моменти ги доживеа со репрезентацијата на Хрватска. За својот придонес во ракометот, тој на почетокот на оваа година доби и почесно признание од ЕХФ. Промоцијата на новиот македонски селектор треба да се случи во деновите кои следат.