Кој е Хозе Толедо? Темпераментен Бразилец со „топ“ во раката (ВИДЕО)

Замената за Дмитри Кисељов на десната бековска позиција во европскиот шампион Вардар ќе биде бразилскиот репрезентативец Хозе де Толедо. Станува збор за 25-годишен ракометар, кој подеднакво добро се снаоѓа и во нападот и во одбраната и со сигурност ќе му биде од поголема корист на Давид Писонеро, отколку што Кисељов му беше на Роберто Парондо.

Де Толедо потекнува од Сао Паоло, каде што почнал да игра ракомет во локалниот клуб Ипатема. Во 2013 година добива шанса да игра на Светското првенство за кадети во Унгарија и го завршува турнирот како прв стрелец со 64 голови. Следното лето, во 2014 година, потпишува три годишен договор со шпанскиот Гранољерс, но таму не се задржа долго. Во првата сезона во европскиот ракомет, Толедо постигна 107 голови на 27 меча во сите конкуренции, па веднаш стана главен играч во Гранољерс. Не го доработи договорот со шпанскиот тим, па се пресели во Висла и во деби сезоната во Лигата на шампионите постигна 30 голови, а вкупно 82 во сите конкуренции.

Во полскиот вицепрвак потпиша најпрво договор на две години, кој потоа го продолжи на уште две. Актуелната му беше последна, иако во март се обврза на нов едногодишен договор, нема да го одработи истиот. Од Висла Плоцк не се премногу загрижени што си оди првата ѕвезда, бидејќи во последниот период имаа многу несогласувања со него.

Тој има повреда на коленото, поради која не играше на вториот финален натпревар од полскиот шампионат против Келце, а од Висла му наложиле да биде санирана со операција. По неа, би требало да паузира шест месеци, но Толедо не се согласил на тоа. Операцијата била одложена, а десниот бек ќе ја санира со терапии и мирување, иако го чекаат многу напори на Пан Американските игри. Раководните луѓе на Висла биле премногу изнервирани од неговата недисциплина и непослушност, па лесно му дозволија да го реализира трансферот во Вардар, особено откако и тој им соопштил дека не ја гледа својата иднина во полскиот вицепрвак.

Бразилецот со националниот тим ќе игра на претстојните Пан Американски игри, кои се одржуваат во главниот град на Перу, Лима, од 26 јули до 11 август и ќе пропушти дел од подготовките на Вардар. Ракометниот турнир во машка конкуренција ќе започне на 31 јули, со натпреварите во групната фаза, а со оглед на тоа што Бразил е еден од фаворитите, сигурно ќе игра до крајот, односно до финалните борби на 5 август. Поради лошите конекции со јужноамериканскиот континент, Толедо најрано на Балканот би пристигнал на 7 август, а во тој период вардарци веќе ќе бидат на подготовки во Требиње.

Погледнете со каков шут располага новиот десен бек на Вардар…

…но и колку знае да биде незгоден во дуелите со противничките ракометари…