Кој губи има право да се лути: Ѓер со официјална жалба до ЕХФ за потегот на Песоа! (ВИДЕО)

Судиското ниво особено во Лигата на шампионките е далеку од врвно. Вардар најдобро го почувстува тоа во финалето на ова елитно натпреварување, но непрецизните правила и судиското убедување оставаат простор за оправдување при сомнителни одлуки.
Ако Ѓер беше задоволен од судењето на финалето во Будимпешта кога данскиот пар Кристијансен-Хансен им овозможија последниот напад на финалниот двобој да трае цела вечност, сега во рамките на групната фаза од Ростов се враќаат „неправедно“ поразени.
Во последниот напад српската судиска двојка Бранка Мариќ и Зорица Машиќ по само 10 секунди им ја одзема топката на домаќините, Ростов Дон, поради пасивност, како што налагаат правилата за напад во последната минута од натпреварот. Но во тие моменти топката беше во рацете на голманката Маиса Песоа која во обид побргу да се врати на голот направи неколку чекори па потоа им ја отстапи топката на гостинските ракометарки. Според раководството на Ѓер тоа требало да значи исклучување за голманот и пенал за домашниот состав. Но српскиот судиски пар оценил дека не се исполнети сите услови за таква казна, а во преостанатите седум секунди од дуелот актуелниот европски шампион не успеа да дојде до изедначувачки погодок и натпреварот заврши со конечни 23-22.
Според магазинот „Тајм аут“ близок до унгарскиот шампион, од Ѓер веќе доставиле официјален приговор за одлуката во последната минута од дуелот, а во очекување на официјален став од ЕХФ, проценете сами дали актуелниот европски првак е во право или не.
Само за споредба викендов во машката Суперлига на дуелот меѓу Радовиш и Металург 2 имаше слична ситуација, кога гостинскиот голман не ја спушти веднаш топката откако му беше одземена на секунди до крајот, а судискиот пар Начевски и Николов тоа го санкционираа со пенал и црвен картон за голманот, по што Радовиш постигна погодок за реми (24-24).
ФОТО: www.rostovhandball.ru