Кошаркарски натпревар ја смени салата за дуелот Србија-Хрватска

Натпреварот од 3. коло од квалификациите за Европското првенство во 2020 година, меѓу селекциите на Србија и на Хрватска, кој треба да се одигра в четврток од 18 часот место во салата „Александар Николиќ“, ќе се игра во „Штарк арена“. Оваа промена дојде поради зафатеност на салата каде што екипата на Црвена Звезда ги игра средбите како домаќин.

В петок од 19 часот во салата „Александар Николиќ“, тимот на Црвена Звезда ја пречекува екипата на Будуќност во финалето од АБА-лигата. Екипите в четврток треба да одржат тренинзи, а покрај тоа ќе биде потребна подлога за натпреварот меѓу Србија и Хрватска.

За да нема проблеми околу нормалното организирање на средбата, натпреварот беше префрлен во „Штарк арена“, а влезот ќе биде бесплатен. Ова значи дека Србија ќе има огромна поддршка во големото дерби од Групата 2 од квалификациите за ЕП.

Инаку, сменета е само салата, а сè друго остана исто. Средбата и претходно беше закажана за во 18 часот за в четврток.