Котевски: Првенството е долго и тешко, но ќе сторам се да обезбедам опстанок за својот тим

Екипата на Металург 2, повратник во македонската Суперлига, во новата сезона ќе ја предводи Игор Котевски. Тој минатата сезона ја тренираше екипата на Бутел, со која постигна одлични резултати, а во Металург 2 доаѓа на местото на Раде Стојановиќ, кој, пак, од оваа сезона ќе го предводи тимот на Охрид.

Котевски е млад и амбициозен стручњак, кој ќе раководи со расадникот на таленти и главниот дистрибутер на млади ракометари за во првиот тим на Металург.

„Мило ми е што ќе го предводам Металург 2, екипа која традиционално е извор на ракометни таленти. Се надевам дека ќе успеам од нив да направам и подобри играчи и подобри луѓе. Првенството е долго и тешко, но ќе сторам се за да обезбедам опстанок за својот тим. Се уште не знам со кој ростер ќе располагам, но во следниот период и тоа ќе биде расчистено“, вели новиот стратег на Металург 2.

Котевски првиот тренинг го закажа за 5 август, со почеток во 19:30 часот, кога и ќе стане познато со кој ростер ќе настапува Металург 2 и каков ќе биде планот на подготовките за претстојната сезона.