Котевски: Одличната одбрана и нашиот голман ја направија разликата против Охрид

Тимот на Бутел Скопје славеше над Охрид со 23-15 во 11. коло од Суперлигата и сега има само бод помалку од лидерот Еурофарм Работник, кој пак има натпревар помалку. Избраниците на Игор Котевски одиграа одлична одбрана на овој дуел, примија само четири гола во првиот дел, а битолчанецот вели дека не било лесно како што покажува резултатот.

„Не беше лесно како што покажува резултатот. Овој натпревар ни беше многу важен за да бидеме сигурни за влез во плеј-оф. Охрид е одлична екипа, имаат одличен бек Дарко Георгиевски, но нашта игра во одбрана и одличниот голман ја направија разликата. Беа немоќни, секој втор напад им беше пасивен. Долго време не сум видел некоја екипа да даде само четири гола за едно полувреме. Нашите крила одиграа одлично, Бутел е фантастична екипа и фантастични момци, кои сакаат да се надигруваат со сите“, вели Котевски за 24Ракомет.

Следен предизвик за Бутел Скопје ќе биде гостувањето во Битола на Пелистер, кој загуби во Радишани во 3. коло и ќе сака да се одмазди за тој пораз.