Комплетно фијаско на македонските кадетки против Данска

Женската кадетска репрезентација на Македонија е високо поразена од Данска. Овој натпревар во кој нашите кадедки полагаа некакви надежи дека можат да изненадат, заврши како невозможна мисија за избраничките на Аце Станковски. Високите 18:38 за селекцијата на Данска, доволно говорат како се одвиваше овој натпревар.

Првото полувреме по кое веќе и беше решен натпреварот заврши со резултат 10:19 за репрезентацијата на Данска, додека во второто полувреме данките само ја зголемија својата предност за конечни 18:38. Најефикасна ракометарка со 4 постигнати голови во данската мрежа беше Теодора Керамитичиева, а 3 додаде Нолевска Наташа. Голманките имаа вкупно 7 одбрани.

“Тоа што го работевме еден месец на подготовките падна во вода. Не се почитува на теренот тоа што се договараме да го играме и тоа е тоа. Со таков пристап, немаме шанса за добар резултат”- изјави селекторот Аце Станковски.

Репрезентацијата на Македонија последниот меч го игра утре, a за противник ја имаме селекцијата на Узбекистан. Натпреварот започнува од 17:15часот. Со победа Македонија ќе го избегне последното место во својата група.