Комплетирано првото коло во групата Ц во ЛШ: Вардар, Веспрем и Рајн Некар Ловен ја оправдаа фаворитската улога

Вчера со натпреварот Целје-Вардар беше комплетирано првото коло од групата Ц во ЛШ на шампионите. Екипите на Вардар, Веспрем и Рајн Некар Ловен ги оправдаа фаворитските улоги кои им беа доделени пред натпреварите од првото коло.

ВЕСПРЕМ РУТИНСКИ ВО РУСИЈА

ЧЕХОВСКИ МЕДВЕДИ- ВЕСПРЕМ 32:37 (17:19)

Во првиот натпревар од групата Ц кој се одигра од 16:00 часот, Веспрем во Русија ја совлада екипата на Чеховски Медведи со 32-37 ( 17-19) и го најави атакот на фајнл-фор турнирот во Келн и оваа година. Иако Русите се драстично ослабени во однос на минатите години кога важеа за едни од фаворитите во ЛШ, сепак одиграа солиден натпревар против еден од најдобрите клубови во Европа.

Веспрем одлично го започна овој натпревар поведувајки многу брзо со три голови разлика 2-5. Сепак, “мечките” брзо возвратија намалувајки на 4-5. Во првиот дел одбраните на двата тима не беа на задоволително ниво, по што и двата тима примија премногу голови за едно полувреме. По трисет минути игра гостите од Унгарија имаа водство од 17-19.

Nilson ceh med-ves

Во првите 10 минути од вториот дел се чини натпреварот беше решен. Одличните интервенции на унгарскиот голман Миклер, и серијата на неговите соиграчи од 8-3 му донесоа високо водство на Веспрем од 20-27 во 40 минута од натпреварот. Оваа разлика беше доволна Веспрем рутински да го приведе натпреварот до самиот крај за конечни 32-37.

Кај победничката екипа најпрецизни беа Угалде со 8, и Сулиќ со 7 постигнати погодоци. Голманот Миклер забележа одлични 14 интервенции.
Во екипата на Чеховски Медведи,листата на стрелците ја предводеа Деревен со 9 и Котов со 6 погодоци.

Антонио Карлос Ортега ( тренер, Веспрем):

Честитки за екипата на Медведи, одлично играа на овој натпревар, посебно во нападот. Имаше ракометари за кои немавме доволно информации а одлично се претставија. Нашиот напад одигра добро, но мора да се игра квалитетно и во одбраната. За неутралните љубители на ракометот ова беше одличен натпревар со многу постигнати голови.

Герг Иванчик ( лево крило, Веспрем):

Ова беше прв натпревар во ЛШ оваа сезона, и знаевме дека нема да биде лесно да се игра на овој терен. Чеховски Медведи се одличен млад тим кој одигра добро, посебно во нападот. Во првото полувреме игравме слабо во одбраната, но во вториот дел игравме многу подобро и стигнавме до победата.

Владимир Максимов ( тренер, Чеховски Медведи):

Во нашиот тим има многу млади играчи кои немаат искуство во ЛШ. Првиот натпревар го игравме против еден од најдобрите клубови во Европа. Веспрем има извонредна одбрана и кога е таа на ниво, моите играчи немаа шанса. Има многу слабости во нашата игра, и многу треба да работиме за да стигнеме до позитивни резултати во ЛШ.

Александар Деревен (ракометар на Чеховски Медведи):

Честитки на екипата на Веспрем на добрата игра и победата на овој натпревар. Многу од моите соиграчи денес за првпат настапија во натпревар од ЛШ. Во првото полувреме игравме добро, но во второто направивме многу технички грешки кои Веспрем ги искористи. Во последните 10 минути имавме обид да се вратиме во игра, но бевме далеку од победа на овој натпревар.


“ЛАВОВИТЕ” ГО ПРЕГАЗИЈА МОНПЕЛЈЕ

РАЈН НЕКАР ЛОВЕН – МОНПЕЛЈЕ 35:24 (18:11)

Во својот премиерен натпревар од новата сезона во ЛШ, германскиот вицепрвак Рајн Некар Ловен во преполната САП Арена ја декласираше екипата на француски Монпелје со 35-24 ( 18-11) и по несреќната елиминација од Барселона мината сезона, најави дека оваа година е подготвен да оди еден чекор понапред и пласман на фајнл-фор турнирот.

Монпелје парираше само на почетокот на натпреварот, за потоа “лавовите” да ги превземат работите во свои раце и буквално го декласираат францускиот тим. Со голот на Мирхол, Рајн Некар поведе со 5-3 во 8 минута од натпреварот. Германците постојано ја зголемуваа својата предност, а веќе во 16 минута имаа постигнато дупло повеќе погодоци од противникот (10-5), што беше аларм за гостите да повикаат тајм аут. По минутата одмор Монпелје за кратко успеа да се врати во натпреварот намалувајки на 11-8 во 21 мунута од првиот дел. Мирхол, Екдал Де Риц и Грецки одговорија со серија од 3-0 за водство на “лавовите” од 14-8 во 25 минута. Конечниот резултат по првите триесет минути гласеше 18-11 за домашната екипа.

landin

Почетните минути од второто полувреме му припаднаа на голманот на екипата на Рајн Некар Ловен кој правеше чуда на голот. Во првите три минути од второто полувреме Ландин забележа 4 интервенции со што дополнително ги мотивираше своите соиграчи, кои во 38 минута со голот на Гвардиола од контра напад веќе имаа двоцифрена предност (23-13). До крајот на натпреварот “лавовите” играа за публиката која буквално беше во “транс” по извонредната партија на своите миленици. Во 48 минута од натпреварот во игра влезе новото засилување на Рајн Некар Ловен, Тим Сутон кој го имаше своето деби во ЛШ. До крајот домаќините ги штедеа своите сили за наредните предизвици. Конечниот резултат гласеше 35:24 (18:11).

Најпрецизен ракометар во екипата на Рајн Некар Ловен беше пивотменот Мирхол кој постигна 6 погодоци,а Гвардиола, Шмид и Сигурмансон постигнаа по 5. Никлас Ландин беше фантастичен на голот со извонредни 20 интервенци.

Во екипата на Монпелје тројца ракометари ( Симонет, Доленец и Кавтичник) постигнаа по 4 голови.

Николај Јакобсен ( тренер, Рајн Некар Ловен):

Премногу сум задоволен од нашата игра. Во првото полувреме прикажавме одличен ракомет и се надевам дека ќе продолжиме во ист ритам во ЛШ.

Патрис Канаје ( тренер, Монпелје):

Многу сум разочаран од нашиот перформанс на овој натпревар. За разлика од нас домаќинот беше перфектен.Им честитам на победата и им посакувам многу успех во натамошниот тек на ЛШ.