Комплетен ремонт во Автокоманда: Дури 11 ракометарки заминаа од Металург

Ракометарките на Металург веќе неколку недели напорно тренираат и се подготвуваат за новата сезона, но во комплетно изменет и подмладен состав. Процесот на смена на генерациите, што почна пред две сезони, продолжи и оваа, па денешниот женски тим од Автокоманда малку наликува на оној што настапуваше во минатата сезона.

Од клубот заминаа дури 11 ракометарки, Матеја Серафимова, Маја Каранфиловска, Сања Дабевска, Марија и Милица Николиќ, Симона Стојковска, Сара Цаневска, Јована Саздовска,  Габриела Величковска, Елена Петковска и Андреа Илиќ.

Денешниот Металург е всушност спој од кадетската и младинската екипа, кои се повеќегодишни шампионки на Македонија во двете конкуренции. Првите обврски во новата сезона го очекуваат тимот на Металург на 16/17 септември, кога почнува женската Суперлига, а во првото коло и тимот од Автокоманда ќе гостува на екипата на Вардар Јуниор.

Металург исто така ќе настапи и во Челинџ Купот, каде стартува од третото коло и каде за противник ја има шпанската Малага. Двомечот со Малага ќе се игра во средината на ноември, а, според тековните преговори, двете средби најверојатно ќе се играат на теренот на противникот.