Кои играчи ќе го засилат амбициозниот прволигаш Бутел Скопје

Пред неколку недели на 24ракомет пишувавме за новиот амбициозен проект, тимот на Бутел Скопје, кој во претстојната сезона ќе биде дел од Првата Лига под капата на РФМ. Клубот што и во минатото постоеше сега ќе воскресна со цел да донесе ракометна радост во скопската општина. Амбициите и единствена цел во првата сезона ќе биде влез во Суперлигата, а за следните сезони раководните луѓе на Бутел Скопје веќе имаат големи планови со новиот тим, кој би требало да е конкурентен на Металург, Еурофарм Работник, Охрид, Пелистер…

Лидер на тимот би требало да биде Горан Печенковски, играч со големо суперлигашко искуство, кој ќе биде драгоцен за тренерот Игор Котевски. Средниот бек кариерата ја започна во младинските катеогрии на Металург, а во меѓувреме ги носеше дресовите и на Преспа, Пелистер, Пролет и Охрид. Друштво на оваа позиција ќе му прави уште еден ресенчанец, а станува збор за доскорешниот ракометар на Вардар Јуниор, Димитар Георгиевски.

Позицијата пикер ќе биде пополнета со двајца искусни и еден релативно млад ракометар. Некогашниот кружен напаѓач на Пролет, Антонио Апостоловки, кој минатата сезона ја мина во прволигашот Ѓорче, плус Кристијан Василевски, како и Андреј Маркудов, поранешен младински репрезентативец кој лани играше во Пелистер.

Со овој тим, без притоа да ги потцениме другите прволигаши, Бутел Скопје не би требало да има тешка задача да избори пласман во Суперлигата. Списокот на играчи се уште не е затворен, па нема да биде изненадување ако до крајот на неделава потпишат уште некои суперлигашки играчи. Ако се оди како што треба, веќе кон крајот на годината, ќе чуеме и за потписи со неколкумина поранешни репрезентативци на Македонија, играчи со искуство и во европските купови.

Реномирана македонска компанија ќе стои зад овој проект, а поранешниот ракометар на Пролет, Александар Стефанов ќе биде дел од раководството. Подготовките на Бутел Скопје почнуваат денеска во 18 часот, а ќе се одвиваат во салата во Радишани до моментот кога салата во Бутел ќе бид адаптирана за нормални тренинзи.