КЛ7 е кадетски шампион на Македонија

КЛ7 Струга е новиот шампион во кадетска конкуренција на турнирот кој вчера се одржа во Струга. Кадетите на КЛ7 по победата над фаворитот Вардар во полуфиналниот натпревар, во борбата за шампионскиот трофеј за противник го имаа минатогодишниот финалист Прилеп.

Натпреварот започна со игра гол за гол се до 13. минута кога Прилеп дојде до предност и до четири погодоци 5:9. Но тоа беше се што направија гостите, потоа следеше период на доминација на стружаните, успеаја со серија со 12:4 да го свртат целиот натпревар и да дојдат до предност од четири погодоци. Прилеп успеа да постигне три брзи погодоци и да замине на полувреме само со еден погодок негатива, 17:16.

Второто полувреме започна со четвртото израмнување на натпреварот 18:18. Кога очекувавме дека ќе следиме неизвесен натпревар, КЛ7 Струга се погрижи многу рано да го реши победникот. Во 39. минута домашните дојдоа до осум погодоци предност, а во 45. минута имаа и максимални десет погодоци предност, која што успеаја да ја одржат до крајот на натпреварот.

Најдобар стрелец на натпреварот беше Симоноски со дури 13 погодоци, Гучевски постигна девет, додека Џигероски го заврши натпреварот со шест погодоци. Повторно свој ден на голот имаше Петрески кој за момент беше нерешлива енигма за Прилеп.