Кире Лазаров во друштво на Трпчески, Џорлев, Калиопи, Црвенковски и Груевски…

Најдобриот ракометар на Македонија, рекордерот по број на постигнати голови на ЕП и СП, двапати најдобар стрелец на Лигата на шампионите се најде на листата на македонски личности што поседуваат дипломатски пасоши.

Во своето пишување, порталот новаТВ пренесува дека во моментов има над 1300 дипломатски пасоши. На дел од листата што ја објави порталот покрај Кирил Лазаров се најде и поранешниот селектор на одбојкарската репрезентација на Македонија, Јошко Миленковски.

Според Законот, дипломатски пасош им се издава на избрани и именувани лица, раководни државни службеници, дипломатско-конзуларни службеници вработени во МНР или во претставништвата на Македонија во странство, на воени претставници на безбедносните органи во странство кои имаат дипломатски статус, на лица кои со одлука на Владата заминуваат на работа во меѓународни организации во својство на функционери со дипломатски ранг во тие организации, како и на дипломатски курири.

Лазаров со години е најдобриот македонски ракометар, а по неколку сезони поминати во Шпанија, каде настапуваше за екипите на Сиудад Реал, Атлетико Мадрид и Барселона следните две сезони ќе биде дел од тимот на Нант во Франција. Со репрезентацијата на Македонија ќе настапи и на следното ЕП 2018 година во Хрватска, а претходно беше дел и од неколку ЕП и СП каде настапуваше за „црвено-жолтите“.