Кил создава непобедлива екипа: Ландин во Кил од 2015 година!

Екипата на Кил создава вистински “дрим-тим” кој ретко која екипа би можела да го совлада. По зачувувањето на поголемиот дел од екипата која доминираше на светската ракометна карта, Кил ова лето во своите редови го доведе најдобриот ракометар за 2013 година, Домагој Дувњак, еден од најдобрите шпански ракометари Канељас, а од наредната година на голот на “зебрите” ќе застане можеби најдобриот голман на денешницата, данецот Никлас Ландин.

Данскиот голман за кој беа заинтересирани и Барселона и ПСЖ, потпиша тригодишен договор со Кил и во наредните три години ќе настапува во дресот на “зебрите”. Интересно е тоа што тој доаѓа во Кил директно од екипата на Рајн Некар Ловен која оваа година беше и директен конкурент на Кил во борбата за шампионската титула во Германија. Ландин, и покрај интересот од Барселона и ПСЖ, постојано потенцираше дека сака да продолжи да настапува во најсилната ракометна лига на светот па се чинеше дека ќе остане во редовите на Рајн Некар Ловен. Сепак Кил има амбиции да ја врати европската титула во своите витрини, па ангажирањето на едни од најдобрите ракометар на своите позиции е само чекор кон остварувањето на таа цел.