Кил се збогува со Алфред Гисласон, ѕвездите кои ги тренираше играат во негова чест

Како што беше најавено екипата на Кил ќе организира проштален натпревар за својот легендарен тренер, кој на крајот на сезонава го напушти клубот. Исланѓанецот Алфред Гисласон на кормилото на „зебрите“ беше цели 11 сезони, па оттаму раководството на клубот сака на достоен начин да се збогува со стратегот.

Гисласон беше тренер на тимот од северниот дел на Германија од 2008 година. Во последната сезона на чело на Кил тој го освои ЕХФ купот, Купот на Германија и 2. место во Бундес лигата зад Флензбург.

Прошталниот натпревар ќе биде одигран на 26 јули, а ќе учествуваат сите големи ѕвезди кои биле дел од тимот на Кил. Тука се: Доминик Клајн, Штефан Ловгрен, Тиери Омејер, Даниел Нарсис, Момир Илиќ, Ким Андерсон, Андреас Паличка и други. Натпреварот ќе биде одигран на теренот на Кил во Шпаркасе арената.

Во последниот натпревар на клупата на „зебрите“ Гисласон славеше над Хановер со 30:26, а после натпреварот беше поздравен од навивачите. Исто така и тој им се заблагодари на поддршката во изминатите години.