Кил на чекор до титулата: Бундеслигата влегува во завршните битки за трофејот!

Нови ракометни мајстории ширум Германија, во најсилната лига на светот во која имаме и ние свои репрезенти преку Манасков и Миркуловски.
Постигнати се следниве резултати:
Либек-Бергишер 34-31(18-13),
Уште по првото полувреме домаќините покажаа дека бодовите остануваат кај нив. Сo 18 погодоци, уште во првиот дел Либек ги откажа гостите, па така до крајот тие успеаа само да стигнат до пристоен пораз. Либек е во добра форма со 3 победи на последните 4 меча и во златната средна од табелата, додека Бергишер има +4 во однос на опасната зона, но и само една победа во 5 последователни натпревари.
Фризенхајм-Магдебург 24-32(15-14),
Сигурна победа на фаворитот кој се бори за 3-та позиција на табелата, но потешко од очекувањата, со пресврт во вториот дел, во натпревар против аутсајдерот Фризенхајм. Магдебург врза две победи во низа, но сеуште заостанува зад Фленсбург и тоа 3 бодови негатива за моментална 4та позиција со вкупно освоени 44 бодови.
Лемго-Гумерсбах 26-28(13-12),
Уште еден натпревар со пресврт, со победа на гостите и воедно динамичен натпревар типичен за БУНДЕС лигата.
Дуел кој понуди неизвесност, брзина и борба до самиот крај. Бодовите отидоа кај прославеното име на германскиот ракомет-Гумерсбах. Гостите одиграа одличен напад особено во вториот дел кога и го решија победникот на мечот. Воедно со овие два бодови од Липерланд Хале арената, гостите стигнаа до 30 бодови и прва победа во 5-те последно одиграни кола.
Хановер Бургдоф-Фленсбург 25-25(12-12),
Тимот за кој настапува нашиот репрезентативец Миркуловски со гол во последните секунди обезбеди реми против силниот состав на Фленсбург. Имено, во еден тврд натпревар каде доминираа одбраните и голманите, во крајно неизвесен натпревар, домашните ракометари пред преполната сала во Хановер освоија бод благодарение на акцијата (во која учествуваше и Миркуловски) со удар на десниот бек на Хановер од цепелин на асистенција на левото крило на домашните. Со овој бод Хановер е сега на 13-та позиција со 27 бодови и практично обезбеден опстанок, додека Фленсбург е на 3-та позиција со 47 бодови.
Фуксе Берлин-Битигхајм 33-32(18-17),
Неочекувано за домашната публика, но нивните миленици, популарните ‘лисици’ многу потешко стигнаа до победа против фенерџијата Битигхајм. Љубителите на ракометот во Макс-Шмелинг Хале присуствуваа на неизвесен меч со многу голови и лош ден за голманите на двете страни. Берлин е на чекор од позиција која води во ЕХФ и е во добра форма во завршницата од сезоната.
Хамбург-Минден 28-25(14-9),
Поранешниот Европски Шампион Хамбург оствари три победи на последните 5 мечеви, а воедно и успеа да обезбеди пласман на Ф4 во ЕХФ купот. Се чини дека после кризата што го зафати, Хамбург полека се стабилизира. Моментално е на три бодови негатива од местото кое води во ЕХФ следната сезона. Минден не беше спремен за одговор на играта на тимот на Јенс Хауслер. Минден со овој пораз (два врзани порази во серија) е во опасната зона.
Либек-Балинген 30-33(13-13),
Два натпревари за 4 дена,а тоа темпо е напорно дури и за БУНДЕС тимовите, па така на домашен терен не успеа да врзе две победи во серија. Либек (27 бодови) во Креисспорт Хале се држеше до полувремето, но сепак расположениот гостински напад го трасираше патот до победата и два важни бодови. Балинген со оваа победа го мина Либек и со 29 бодови (две врзани во серија) е на 11-то место.
Кил-Гопинген 28-21(14-13),
Рутинирана победа на Кил, кој успешно го трасира патот како и во ЛШ каде ќе биде дел од Ф4 во Келн, така успешно чекори кон одбрана на титулата, особено после киксот на РНЛ. Во Шпаркасен арената, Кил предводен од Гисласон и покрај повредите на неколку првотимци лесно го скрши отпорот на квалитетниот тим на Гопинген и тоа пред се со одлична одбрана. Гопинген остана на 5та позиција со 36 бодови, но и три порази на последните 5 одиграни средби.