Кил му врати мило за драго на Фленсбург

Откако му одржаа вистинска лекција на Кил на негов терен, ракометарите на Фленсбург на домашен терен не ја повторија таа игра и загубија од „зебрите“ со 26:25, во рамките на 8 коло од групната фаза од Лигата на шампионите.

Тимот на Љубомир Врањеш поведе на стартот со 3:1, па 4:2, но „зебрите“ со серија од четири голови ја преземаа контролата и водеа со 6:4. Водството од два до три гола избраниците на Алфред Гисласон го одржуваа се до 25 минута, кога пикерот Винчек донесе и плус 4, 14:10. Левото крило Сантос погоди за 16:11, а Кил имаше и предност од 17:12. До крајот на првиот дел погоди уште Закаријасен за да намали на 17:13.

Фленсбург на стартот на вториот дел направи серија од 6:1 и со голот на Егерт во 39 минута го презема водството, 19:18. До 48 минута се играше гол за гол, 19:19, 20:20, 21:21, 22:22. Потоа Кил остана без пикерот Илија Брозовиќ, кој доби црвен картон поради три исклучувања, но тоа не беше пречка неговите соиграчи да стигнат до предност од 25:22 преку Вујин, Дувњак и Екберг.

Билик погоди за 26:23 во 53 минута и оттогаш до крајот Кил не постигна гол цели седум минути. Но ниту домашните не беа нешто подобри. Финишот беше преполн со грешки на двете страни, а само Шмит погоди во 55 и 59 минута за домашниот тим и успеа само да намали на 26:25, па победата остана за Кил. Најдобар во гостинската екипа беше Екберг со 6 голови, а Цајц и Дувњак имаа по 5, додека за Фленсбург се истакна Егерт со 7 голови, додека Јакобсон и Шмит погодија по четири пати.