Кил им посака добредојде на младите „Металурзи“ на големата сцена

Победата на Кил не беше доведена во прашања и пред да започне натпреварот, но на разочарување на љубителите на тимот од Автокоманда првите седум минути од натпреварот беа единствените светли моменти за иднината на екипата во овој дуел.

Кил 35-16 Металург (17-3)

Македонскиот шампион започна со млада постава предводена од новото бековско трио Талевски, Неловски и Бувиниќ. Но освен хрватскиот интернационалец кој одигра најмалку лошо, ниту еден од редовите на Металург не успеа да одолее на значењето на Лигата на шампионите и ракометните ѕвезди спроти нив.
Кил започна со втората постава во која главен збор имаа Јиха, Лауге и Вајнхолд. Изненадување за сите беше голманската опција на „зебрите“ во името на младиот Шоне, за возврат, целосно ја оправда улогата која тренерот Гисласон му ја довери.
Во почетните осум минути единствениот кој имаше храброст да се обиде да бие кон голот на Германците, беше новото засилување на тимот од Автокоманда, Бувиниќ зад чие име беа запишани првите два погодока за Металург од вкупно трите во првите 30 минути. Обидите на Талевски и Неловски често завршуваа во блокот на Кил или надвор од рамките на голот, а ретките контра-напади беа лесен плен за Шоне. Митревски на спротивната страна го одржуваше резултатскиот баланс во првите 10 минути, но кога Кил ја зацврсти одбраната на десната страна комплетно го сопре нападот на Металург. „Сино-белите“ последниот гол го постигна во 8-та минута. Германците ги користеа контрите и полуконтрите за зголемување на водството, а до крај на првиот дел уфрлија неодговорени 13 погодоци за конечни 17-3 по триесет минути игра.
Второто полувреме започна охрабрувачки за младите ракометари на македонскиот шампион, Талевски постигна два погодока во низа за малку храброст и доза надеж на Металург. Иако Кил очекувано ја полнеше мрежата на македонскиот шампион, се опушти раката на младата гарда во нападот на Металург па резултатот не делуваше анемично. Во 48-та минута на семафорот стоеше 25-12, а со звукот на сирената Кил ги постави највисоките 19 голови предност 35-16.
Едно е сигурно, на идните предводници на македонскиот ракомет им се исполни сонот да играат рамо до рамо со Јиха, Дувњак, Канељас, Екберг, Вујин, Лауге, Вајнхолд и останатите ѕведени имиња на германскиот гигант.

Најпрецизен во редовите на Кил беше Филип Јиха со 9 погодоци, а во редовите на македонскиот првак Талевски постигна 5, додека Бувиниќ постигна 3.