Кил доби покана, ќе игра со Вардар на Супер Глоуб!

Светската ракометна федерација го покани бундеслигашот Кил да биде дел од најновото издание на Супер Глоуб турнирот што за првпат ќе се одржи во Саудиска Арабија. Според информациите на германските медиуми, „зебрите“ ја прифатиле понудата и ќе играат во Дамам, иако веќе ќе бидат започнати натпреварите од Бундес лигата во тој период.

Со Кил, вкупниот број на учесници порасна на девет, па најверојатно ќе се игра во три групи по три екипи, па првопласираните и најдобриот втор да играат полуфинале, или пак ќе се бара уште еден тим, па четири од десетте тимови би играле осминафинални дуели. Сепак за системот на натпреварување, наскоро би требало да се огласат од ИХФ.

Досега се потврдени настапите на Вардар како европски првак, Барселона како актуелен бранител на титулата, потоа Замалек, Ал Духаил, Сиднеј Универзитет, Њујорк, Таубате, како и домаќинот на турнирот што ќе се одржи од 26 август до 1 септември.