Кил го претстави својот следен противник: Играчки револт, неисплатени плати, трансфери и спортски неуспеси…

Во статијата која ги опишува недостатоците и предностите на противникот со кој ќе се соочи германскиот шампион Кил, авторот овојпат се осврна на сите досегашни проблеми на Металург. Почнувајќи од неисплатените плати, играчкиот револт, медиумските шпекулации за нетпреливоста меѓу тренерот Червар и ракометарите, па се до отказите и заминувањето на лидерите на екипата од Автокоманда, статијата детално го опишува ракометниот бродолом на македоскиот шампион. Во заклучокот на самиот крај пишува „…се чини како Металург да се соочува со еден од најголемите предизвици во историјата на клубот – и не само на спортско ниво …“

Иако одговорот на прашањето за победникот на овој дуел е однапред познат, сепак не смее да им се одземе надежта на младите ракометари на Металург кои во недела ќе бидат предводени од искусните Стојановиќ, Мисовски, Ојлевски и Митревски.

Тренерот на екипата на Кил, Гисласон за новото лице на Металург истакна:
“Ова е сосема нов тим. Металург е млада екипа и ракометарите се гладни за натпреварување, ќе сакаат да се наметнат и истакнат како нов предводници во тимот. Со нетрпение го очекуваме стартот на натпреварот.”

Почетокот на натпреварот е закажан за недела во 19.30 часот, во Шпаркасен Арената. Судии се Данците Леиф Поулсен и Хенрик Мортенсен.