Кил беше преголем залак за Миркуловски и Вецлар

Екипата на Вецлар каде настапува нашиот поранешен репрезентативец, Филип Миркуловски имаше тешка задача во 31. коло од Бундес лигата. Пред „зелените“ застана моќниот Кил кој на гости успеа да однесе очекувана победа од 27:23 и ја продолжи трката за титулата.

Миркуловски придонесе со само еден постигнат гол, а фаворитот Кил лесно си дојде до победата. Гледачите не видоа спектакуларен ракомет, а гостите со овој лесен триумф се обидоа да го зачуваат силите пред големото дерби со Фленсбург.

Стартот на средбата беше доволен да покаже кој е кој во овој натпревар. По првите 12. минути беше 6:1 за Кил и веќе овде беше решено прашањето за победникот. Вецлар успеа да намали, но не и да направи нешто повеќе од тоа, а на крајот мораше да им честита на противниците.

Руне Дамке и Штефен Вајнхолд со по пет гола го однесоа својот тим до победата. Кај Вецлар, Стефан Чавор исто така постигна пет. Кил остана втор и е на два поени позади првопласираниот Фленсбург. Миркуловски и колегите се сигурни на 12. позиција и прашањето за опстанокот одамна им е решено.