Киелце зад петиците на Вардар: Полјаците поуспешни од Загреб

Со натпреварот меѓу ППД Загреб и Киелце започна седмото коло од Лигата на шампионите. Иако во изминативе три сезони многу фаворити капитулирале во „Арена Загреб“, а последен од нив Вардар пред еден месец, сепак актуелниот европски првак не дозволи ново изненадување овојпат на нов домашен терен за хрватските шампиони, „Арена Вараждин“. Со оваа победа Киелце се изедначи по бројот на бодови со Вардар на првата позиција.

„Плинарите“ имаа проблеми со својот напад во првите седум минути од натпреварот и тоа беше причината составот на Душебаев да создаде предност од три погодоци 0-3. Разликата се одржуваше до 17та минута кога Загреб го изедначи резултатот на 7-7, а веднаш потоа преку Миклавчиќ и Хорват ја продолжи серијата голови за 10-7 во 21-та минута. Загрепчани разликата ја одржаа до самиот крај на првото полувреме за конечни 12-11.

Во вториот дел Загреб предноста ја зачува само пет минути, а полските шампиони во наредните две ја вратија разликата од два гола. По неизвесните 10 минути од вториот дел, Киелце ја превзема иницијативата и контролата над играта што резултираше со највисока разлика од 4 погодоци (20-24) во 50-та минута. Загрепчани не успеаа да се вратат во натпреварот. Од неефикасните последни минути на натпреварот победник излезе гостинскиот тим кој прослави победа од 23-26 и нови два бода во борба за врвот на табелата.

Најпрецизен кај Киелце беше Лијевски со 5 погодоци, Бомбач постигна 4, а Џукиќ и Агинагалде по 3 гола. Во составот на Загреб, Мандалиниќ и Хорват постигнаа по 6, додека Контрец и Миклавчиќ ги следеа со по 3 погодоци.