Киелце веќе го прославува новото учество на Фајнл Фор турнирот! (ФОТО)

Останува уште една недела до првиот четврт-финален натпревар во Лигата на шампиони, полскиот првак Киелце ќе биде гостин во спортскиот центар „Јане Сандански“, а „црвено-црните“ поддржувачи ќе се обидат да му помогнат на Вардар да испише нова клупска историја.
Математики има многу, калкулации околу конечната листа на пријавени играчи постојат, а провокациите се составен дел од ракометот. За да се подигне мотивот на полските навивачи пред почетокот на продажбата на билети за претстојниот дуел, денес на официјалниот профил на социјалната мрежа „фејсбук“ е објавена фотографија од пред две сезони кога Киелце со победата над Металург обезбеди место меѓу четирите најдобри екипи за 2012/2013. На фотографијата, ракометарите на Киелце прославуваат со транспаренти „Успеавме! Одиме на Фајнл Фор!“, дали желбата ќе им се исполни и оваа сезона зависи само од колективот на Вардар.