Киелце беше на прагот, но не го доживеа вардаровиот кошмар: Полскиот шампион е првиот патник во Келн!

Во првиот реванш четвртфинален дуел од ЕХФ Велукс Лигата на шампионите екипата на Киелце успеа да го совлада германски Фленсбург со 29-28 (14-13) со што се промовираше во прв учесник на Фајнл-Фор турнирот во Келн. Ракометарите на Талант Душебаев во крајно неизвесна завршница се изборија за нов настап на завршниот турнир иако многу лесно можеше да му се случи вардаровиот кошмар од пред две сезони, кој во последните секунди доживеа елиминација од Фленсбург.

Киелце-Фленсбург 29-28 (14-13)

Михал Јурецки погоди за почетно водство на Киелце, а на спротивната страна возврати Ласе Сван за 1-1. По почетното испитување на силите гостите од Германија поведоа со 2-4 во седмата минута, а минимално водство најчесто од еден гол позитива успеваа да го одржат до 20.минута кога имаа водство од 8-9. Посебно импресивен прв дел имааа голманите на двете екипи, Андерсон и Шего, а гостинскиот голман меѓу другото успеа да скроти дури три седмерци на Чупиќ Штрлек и Рајхман. Во последните десетина минути полскиот шампион успеа да го сврти резултатот во своја полза, и со двата погодока на Рајхман и еден на Штрлек поведе со 11-9 во 24.минута. Расположениот дански репрезентативец од Фленсбург, Ласе Сван (5 гола во првиот дел), со два гола по ред повторно донесе егал 13-13, а точка на првиот дел со удар од седум метри стави Чупиќ, за минимално водство на Киелце од 14-13.

Киелце-Фленс

Могесен и Гландорф на почетокот на вториот дел двапати го матираа Шего враќајки го водството на своја страна 14-15.Честите промени на водството помеѓу двете екипи ги прекина серијата на Киелце кој при резултат 16-16, направи серија од 3-0 и со головите на Рајхман, Агинагалде и Чраповски за првпат на натпреварот поведе со +3, 19-16 во 45.минута. Германскиот одговор стигна многу брзо, а со својот шести погодок Лауге Шмит повторно ги врати работите на нула израмнувајки на 21-21 на средината на вториот дел. Гол за гол се играше до 54.минута, a со погодоците на Лијевски и Јурецки Киелце дојде до ново водство од +2, (28-26) на четири минути до крајот. Лауге Шмит погоди за намалување на 28-27, а во последните две минути Фленсбург остана без услугите на Тофт Хансен кој заработи суспензија. Рајхман им даде шанса на германците не реализирајки пенал, а во следниот напад беа судени седум метри за Фленсбург и две минути за Чкраповски. Махе беше сигурен и на минута до крајот ги постави идентичните 28-28 од првиот натпревар во Германија. Во последните триесетина секунди се случуваше вистинска драма на паркетот, најпрво на дваесетина секунди до крајот погоди Лијевски за водство од 29-28, а во последните секунди пикерот на Фленсбург имаше обид од линијата од шест метри но Шего беше поуспешен.

Најпрецизни во редовите на полскиот шампион беа Јурецки со 8 и Рајхман со 7 погодоци. Во екипата која ја предводи Љубо Врањеш најмногу се истакна данското дуо Ласе Сван-Лауге Шмит кои постигнаа по 8 гола.