Керамичиева пред Србија: Грешките мора да ги сведеме на минумум

Една од ракометарките од генерацијата од 1996 година, Теа Керамичиева полека, но сигурно си го наоѓа своето место во бековската линија на репрезентацијата на Македонија. Таа имаше добра минутажа против Шведска, а се очекува истото и на дуелот против Србија.

На денешниот дуел кој од 19 часот се игра во СРЦ „Кале“ сосема извесно е дека Македонија не смее да ја повтори играта од Шведска и дека ракометарките се должни на публиката да и приредат далеку подобра партија.

„Ние сме млада екипа и мое очекување е да дадеме една голема борма. Да одиграме подобра одбрана отколку во Шведска и да го намалиме бројот на технички грешки во нападот. Сакам да одиграме подобро отколку на првиот меч и ова да бидеме многу подобри“, вели Керамичиева.

Од друга страна, таа вели дека ова ќе биде меч на кој сите ќе се потрудат да го спроведат на дело она што е замислено.

„Мораме да бидеме поагресивни во одбраната и да правиме повеќе прекршоци. Мораме да го затвориме просторот за да нема толку вишок за противничките ракометарки. Во напад мораме да внимаваме во додавањата и да ги намалиме грешките за да не дозволиме да има лесни контранапади“, изјави Керамичиева.