Керамитчиева, Тодоровска, Георгиевска и Гакидова во ЖРК Вардар

Вториот тим на ЖРК Вардар во новата сезона ќе настапи со променет состав. По заминувањето на Ивана Саздовски, Фросина Крстевска, Ана Виноградова и Екатерина Љубљана и префрлањето на три ракометарки од младинскиот погон во ЖРК Вардар СЦБТ, нови ракометарки во екипата се Теодора Керамитчиева, Ангела Тодоровска, Клаудија Георгиевска и Ивана Гакидова, сите ракометарки доаѓаат од ЖРК Металург.

На Светското кадетско првенство кое се одржа во Македонија, Керамитчиева беше носител на играта на нашата репрезентација, а во добро светло се покажаа и Тодоровска и Георгиевска. Новиот пикер на ЖРК Вардар, Ивана Гакидова веќе е дел од сениорската репрезентација на Македонија.

Од РК Металург Скопје во вардаровиот табор дојде и тренерот Симе Симовски. Освен новите ракометарки од ЖРК Металург, во екипата ќе бидат и Леонида Гичевска, Нина Ладева и Габриела Џини од пионерскиот погон на ЖРК Вардар. Овие три ракометарки во ланската сезона беа дел од првиот тим на Индира Кастратовиќ во неколку натпревари во супер лигата и имаа можност да играат со големите звезди од Вардар. Нина Ладева исто така беше дел од кадетската репрезентација на Македонија, како втора опција на голот.

Во новата натпреварувачка сезона, освен настапите во македонската лига, ЖРК Вардар ќе учествува и на меѓународна сцена во рамките на ЕХФ Купот. Натпреварите во ЕХФ купот вардаровиот тим ги почнува од третото коло, а за противник го има унгарски Дунафер.