Келце со петка го помина Мотор: Раул и ПСЖ ги чекаат во четврт-финалето!

Екипата на Келце забележа сигурна победа во реванш натпреварот од осмина-финалето против Мотор Запорожје. По нерешените 33:33 во Украина, избраниците на Талант Душебаев славеа со 34:29 за пласман во четврт-финалето и доближување на чекор до фајнал-фор.

Келце добро го започна натпреварот со цврста 6:0 одбрана за која Мотор немаше решение. Секој напад на украинците беше пасивен па мораа да шутираат од неизградени позиции што му ја олеснуваше работата на Цупара кој забележа неколку лесни интервенции. Во нападот на Келце разигруваше Циндриќ, со три асистенции и два гола до прво водство од 5:2.

Мотор не наоѓаше одговор во одбраната за нападите на противникот, Келце продолжи да го торпедира голот преку Кулеш со удари од девет метри. Полскиот тим ја одржуваше предноста па тренерот на Мотор се обиде да смени нешто во нападот. Во 15 минута во игра го внесе Жарко Пешевски и со напад 7 на 6 тргна по водството на домаќините. Играта 7 на 6 даваше резултат, Мотор ги реализираше своите напади низ средината но не успеваше да се одбрани и да ја стигне предноста на противникот. Во финишот играчите на Мотор направија неколку грешки кои ги казни Келце и на одмор отиде со највисока предност 17:12.

Многу подобро го започнаа второто полувреме ракометарите на Мотор Запорожје и по пет минути игра намалија три гола од предноста на Келце. Во почетната фаза од второто полувреме полските ракометари имаа проблеми со исклучувања но не се одрази на резултат. По десет минути игра Келце ја врати предноста од првиот дел од пет гола, 22:17. Мотор продолжи со играта 7 на 6 што оставаше многу простор за централниот бек Малашинскас да пробива низ одбраната на средината на Келце. Во последните десет минути полскиот тим влезе со предност од три гола. До крајот Келце успешно го приведе до крај натпреварот и славеше конечна победа. Во второто полувреме Талан Душебаев играше без Лука Циндриќ.

Жарко Пешевски настапи во поголемиот дел од мечот но немаше учинок во нападот на Мотор. Најефикасни играчи во составот на Келце беа Кулеш и Душебаев со по шест погодоци, а во составот на Мотор Запорожје Козакевич постигна седум гола. Келце во четврт-финалето ќе игра со победникот на групата Б, ПСЖ кој го прескокна осмина-финалето.