Келце донесе засилување од најголемиот ривал

Екипата на Келце во своите редови донесе уште еден полски репрезентативец. Се работи за играч кој настапува на левата бековска позиција. Томаш Гебала во шампионот на Полска пристигна од главниот конкурент во домашното првенство, Висла Плоцк.

Гебала со договорот што го потпиша со Келце се обврза во наредните три години да го носи жолтиот дрес. Со своите 212 сантиметри има одлични физички предиспозиции и за игра во напад и за игра во одбрана. Тој заедно со Дорук Пеливан и Владислав Кулеш ќе бидат опциите на Талант Душебаев на лев бек за наредната сезона.

Томаш Гебала сениорската кариера ја започна во Гдањск каде што помина две години пред да се прeсели во Бундес лигата во екипата на Магдебург. Таму помина три години, а потоа се врати во домашниот шампионат, во Висла Плоцк од каде доаѓа во Келце. 23-годишниот ракометар е веќе неколку години член и на репрезентацијата на Полска и има забележано 29 настапи.