Квалификации за ЕП 2018: Македонија ќе го поправа впечатокот против Србија

Поразот од Шведска од 26:38 делуваше малку разочарувачки, но играта која што ракометарките ја прикажаа дава надеж дека оваа генерација може многу повеќе. Овој меч ги покажа и грешките и она што треба да се менува во играта, а ракометарките се свесни дека од нив се очекува конечно да го направат оној чекор за враќање на големата сцена.

И денешниот противник со кој се соочуваат од 19 часот во СРЦ „Кале“ има тим со далеку поискусни ракометарки, но Србија е селекција со која вреди да се влезе во надигрување и да се направи обид да се дојде до добар резултат.

„После дуелот со Шведска знаеме што треба да смениме. Ни беше многу тешко на оваа средба и мораме да извлечеме поука. Во овој состав сме повеќе од три години. Имаме само две поискусни ракометарки, а другите се трудиме што побрзо да созреваме. Играме дома со Србија и тоа ни е мало олеснување. Играме дома и пред наша публика би требало да биде подобро. Да ги намалиме грешките во одбрана и да имаме подобра игра во напад. После секоја грешка да прикажеме максимум во одбраната“, изјави Елена Ливриниќ пред дуелот против Србинките.

Србинките се добро познат ривал со кој Македонија веќе се имаа соочувано и тоа во слични состави така што и нема да има некои големи тајни.

„Имавме два контролни меча со Србија од затворен тип. Тогаш Лекиќ не играше. Добро знаеме за каква ракометарка се работи. Ќе се обидеме да го искористиме тој момент кога во составот има нов играч. Секоја селекција има свои слабости. Добро ни е познато каква ракометарка е Лекиќ, а денеска  ќе се обидеме да ја затвориме нивната полуконтра и мислам дека можеме добро да им се спротивставиме“, коментираше Ливриниќ која против Шведска беше стрелец на само еден погодок, но денеска се очекува многу повеќе.

Со оглед на тоа што вчера тренираа сите ракометарки, сите и се подготвени за настап така што не би требало да има промени во однос на тимот кој играше против Шведска. Можеби од тактички причини ќе дојде само до една промена, но тоа останува пред натпреварот.

Денеска ќе се одигра и средбата меѓу Фарски острови и Шведска така што 2. коло ќе биде комплетно вечерва и ќе се знае распоредот пред мартовските нови пресметки од квалификациите.