Кањелас и Македа по една година се враќаат во Скопје

Поранешните ракометари на Вардар, Жоан Кањелас и Хорхе Македа, со ПИК Сегед со двете победи над Висла Плоцк, лесно обезбедија место во четвртфиналето од Лигата на шампионите. Во оваа фаза ќе се соочат со тимот со кој се качија на европскиот врв.

Шпанските репрезентативци со македонскиот шампион два пати беа дел од завршниот турнир во елитното натпреварување, а еднаш ја освоија и титулата, откако во финалето Вардар беше подобар од Барселона.

Каков што беше случајот со Штербик, Абутовиќ, Душебаев и Циндриќ, кои веќе гостуваа во Скопје откако си заминаа од Вардар, вечерва и Кањелас и Македа ќе дојдат во „црвено-црниот“ бастион и ќе почувствуваат како е да бидеш ривал на македонскиот првак во Скопје.

Натпреварот меѓу Вардар и ПИК Сегед се игра вечерва во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 20:00 часот.